11/08/2026
⚠️ ДЕМАНТ НА ОБЈАВАТА НА АПЛА.мк ⚠️
Јавно сакаме да реагираме на последната објава на АПЛА.МК во која нашиот објект е прикажан во контекст на „ѓубре“ пред дуќанот.
Ова е вторпат по ред нашиот објект да биде прикажан на начин кој создава погрешен впечаток во јавноста, без претходно да бидат проверени фактите и без да бидеме контактирани за да ја објасниме ситуацијата.
Првиот пат преќутивме.
Тогаш беше објавено ѓубре оставено покрај нашиот дуќан, иако тоа не беше наше. Напротив, ние сме тие кои имаат проблем со други лица што оставаат отпад во близина на нашиот објект. На самиот објект имаме поставено јасно известување:
🚫 ОБЈЕКТОТ Е ПОД ВИДЕО НАДЗОР
🚫 НЕ ФРЛАЈ ЃУБРЕ
Во првата објава тоа не беше објаснето, па кај јавноста остана впечаток дека отпадот е наш. И покрај тоа, одлучивме да не реагираме.
Но, вторпат по ред веќе не можеме да преќутиме.
Во последната објава се прикажани картонски кутии и амбалажа пред нашиот објект, со впечаток дека станува збор за неодговорно оставање отпад.
ФАКТИТЕ СЕ СЛЕДНИ:
1. Во нашиот објект пристигнаа нови детски аркадни игри.
2. Машините во тој момент беа во процес на отпакување и монтажа.
3. Кутиите и амбалажата беа привремено оставени додека траеше процесот, бидејќи немаше каде веднаш да бидат складирани.
4. Само еден час подоцна просторот беше целосно расчистен.
5. За ова имаме и фотографии кои ја покажуваат реалната состојба по расчистувањето.
Она што е најспорно е што АПЛА.МК не нè контактираше ниту еднаш за да провери дали фотографијата претставува состојба која траела со часови/денови или моментална состојба при отпакување и монтажа.
Наместо проверка на информацијата, повторно беше објавена фотографија која создава негативен впечаток за нашиот бизнис.
Затоа јавно бараме од АПЛА.МК
- да ја коригираат/демантираат објавата;
- да ја објават целосната фактичка состојба;
- да ги објават и фотографиите кои ја покажуваат состојбата по расчистувањето.
Критика прифаќаме кога е основана и базирана на факти. Но, не прифаќаме двапати по ред да бидеме претставени во негативен контекст врз основа на непроверена информација.
Ова не е прашање дали некој има право да фотографира или да укажува на проблем. Прашањето е дали пред да се објави информација за одреден бизнис, ќе се провери што навистина се случило.
Ние секогаш сме подготвени да објасниме и да соработуваме.
Но, доколку ваквото објавување на непроверени информации продолжи, ќе бидат преземени соодветни мерки за заштита на нашиот углед и интереси по официјален пат.
Јавно објавуваме демант затоа што сметаме дека јавноста заслужува да ја знае целата приказна, а не само онаа што изгледа најлошо на една фотографија.
АПЛА.МК очекуваме корекција.